Клубот на млади креативци при локалната библиотека „Гоце Делчев“ заедно со повеќе од 20 средношколци – волонтери, на 31ви Мај и 1ви Јуни, реализираа практична работилница под отворено небо за урбанизирање на неколку локации во Велес под насловот „Урбанизирај се!“.
Жито Маркети како општествена одговорна компанија го подржа овој проект со обезбедување на потребните материјали за реализирање на активностите.
Тимот на „Урбанизирај се!“ остави уметнички белег на четири локации во Велес преку креации кои обезбедија нов простор за забава на најмладите, како и едукативни содржини кои ќе влијаат на подигнување на свеста за стиловите на уметност, важноста на учењето преку игри и забава, важноста на пренесувањето на знаења од генерација на генерација, како и поттикнување на одговорноста за културата на градот. Главната цел на овие активности е да се покаже дека локалната библиотека „Гоце Делчев“ со помош на младите и амбициозни средношколци од Велес, преку еден процес на ко-креирање и ко-дизајнирање можат да поттикнат позитивна промена во локалната заедница.
Во почетната фаза на овој проект, беа организирани две работилници на кои младите креираа концепти за разубавување на градот, во кои главниот акцент беше ставен на едукативни содржини, како и достапноста на истите за сите граѓани без разлика на нивната возраст. Потоа, младите креативци излегоа на терен и заедно со Локалната самоуправа ги дефинираа најсоодветните локации за реализација на овој проект. Конечните концепти за разубавување и урбанизација се реализирани на следниве локации:
- Градската библиотека „Гоце Делчев“,
- Трговскиот центар,
- Големиот градски парк и
- Младинскиот парк.