Секое време си носи предизвици кои се надминуваат со носење на храбри одлуки
Жито маркети минатата недела одбележа 25 години постоење. Според генералниот директор Далибор Ѓошевски, јасната визија, поставената цел и одлучноста да се исполни зацртаното ги доведоа до таму каде што се денес.
БИ: Жито Маркети минатата недела одбележа 25 години постоење. Каков беше патот што го изодевте до сега? Која е Вашата формула за успех?
На патот до 25-те години постоење во создавањето на Жито маркети во она што е денес имаше многу предизвици, што ве тераат да се преиспитате за тоа што го правите, имаше и препреки кои што ве стимулираат да бидете побрзи, подобри и порешителни за да стигнете до целта. Тоа што создавате нешто заеднички со семејството ве полни со ентузијазам, но и со сигурност дека секогаш ја имате поддршката на блискиот, дека ако вие згрешите има кој да ве поправи. Почетокот на Жито маркети ни беше во недефинирани пазарни услови. Се соочуваме со стереотипни потрошувачки навики што требаше да ги измениме и со пазар во транзиција чија промена требаше да ја предизвикаме. Сето тоа од денешен аспект изгледа тешко или во извесна смисла невозможно, но во тој момент не размислувате за препреките, туку размислувате за тоа како да ја постигнете целта.
Времињата се неспоредливи, сето она што се случуваше на почетокот со она што денес се случува во полето во кое работиме, со таа забелешка што и тогаш и денес останува посветеноста на основната задача која е во насока на создавање на што поголем број лојални купувачи, преку врвен квалитет на производите, достапни цени и љубезна услуга.
Така, јасната визија, поставената цел и одлучноста да се исполни зацртаното не доведоа каде што сме денес. Тоа е формулата по која ние се движиме и за која што можам да кажам дека е формулата за нашиот успех.
БИ: Какви квалификации треба да поседува еден вработен во Жито маркети?
Жито маркети е компанија што е изградена врз семејни вредности, тие се инкорпорирани во самите темели на фирмата. Моите родители го создадоа и изградија Жито Маркети врз цврсти морални и етички убедувања, истите ги пренесоа на нас и токму тие односи, довербата, почитта и взаемното помагање е нешто што и денес се применува во сите 32 Жито маркети. Тоа е нешто што сакаме и се трудиме да го почувствуваат и нашите купувачи, пријателска атмосфера, услужливост, компетентност. Затоа пред се тоа го бараме од нашите вработени, да бидат пријатни, љубезни и услужливи, да асистираат и да им помагаат на купувачите, искуство што ќе ги натера да посакаат да се вратат повторно. Мислам дека потрошувачите добро ги препознаваат и ги ценат овие особини на нашите вработени и на истото одговараат со доверба и лојалност кон брендот. Тоа е она што не прави посебни и поинакви од останатите.
БИ: На клиентите им нудите акции со собирање на купони и добивање на одредени производи. Колку е исплатлив овој начин на работа и колку со ваквите акции се зголемува бројот на потрошувачи?
Наша политика на работа е постојано да имаме некоја нова промоција, акциска продажба, наградни игри, односно на купувањето да му дадеме дополнителна вредност. Сето тоа придонесува потрошувачите да ги препознаат заложбите на Жито маркети за услужливоста кон своите купувачи и на тоа одговараат со поголема лојалност и доверба. Денешниот потрошувач, купувач има свои ставови и убедувања, сака да се чувствува пријатно и слободно при купувањето, но исто така сака и поголема вредност за средствата што ги дава. Пријатното чувство и позитивното искуство од првото влегување во комбинација со дополнителната вредност што ја добива за своите средства ќе го направат да се врати повторно и повторно. Токму овој начин на работа, идеологијата како и водењето грижа за сите свои потрошувачи и нивните потреби и барања, придонело да стигнеме до 25 години успешно позиционирање на пазарот.
БИ: Колку кризата влијаеше на потрошувачката? Освен кризата, тука е и конкуренцијата…
Секое време си носи предизвици пред кои сме исправени и кои можат да се надминат само со внимателно пресметан ризик и преку носење на храбри одлуки во тешки времиња. Понекогаш е потребно доволно да го владеете пазарот и познавате поднебјето каде што работите со оглед на различните приоритети кои ги имаат нашите кушувачи во различните општини каде што сме присутни за да можете да успеете, а понекогаш потребно е сами да процените кој производ, која акција во кој маркет може да даде подобри резултати.
Секако на целокупната приказна се надоврзува и конкуренцијата која доколку е поставена на исти стартни основи како нас што значи е лојална и квалитетна и како таква е неопходна за поттикнување на развојот. Секој субјект на пазарот е потенцијална конкуренција. Здрава и силна конкуренција е само плус за крајниот купувач за кој сите ние применувајќи различни активности се бориме да стане наш лојален купувач.
БИ: Како ја оценувате македонската бизнис клима?
За тековната бизнис клима би рекол дека станува многу компетитивна, натпреварувачка, растечка со тенденција за ширење. Гледам како постојано пазарот метаморфозира, се менува, а сето тоа е резултат на појавата на нови субјекти, услуги и производи. Секојдневно читам за тоа како компании работат на извозот и презентацијата на своите производи, за некои тоа се мали чекори, но многу значајни. И мислам дека тоа е насоката во која секој треба да се движи и да работи на тоа.
БИ: Кое е Вашето мото во работата и какви се Вашите планови за во иднина?
Мотото на кое секојдневно се придржуваме е да понудиме беспрекорна услуга, пристапни цени и квалитет и иновација во секој поглед, да бидеме поинакви, различни, уникатни. Врз тоа се базираат и нашите планови и уште задачата да го прошириме Жито и да го направиме подостапен маркет на што е можно поголем број граѓани. Тоа значи да работиме на ширење на мрежата и отворање на нови работни места. Тоа може да се постигне само со посветена работа. Исто така, ќе останеме доследни и на досегашната практика, давање на дополнителна вредност на купеното, односно изнаоѓање на нови начини за истото. Сигурен сум дека со придржување кон зацртаните планови ќе успееме и ќе се искачиме ниво погоре.
Извор: www.bi.mk