Борба за добар продажен персонал
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
30 години работење и опстојување во трговијата значи дека низ годините имало пропусти и грешки, но и исправни одлуки донесени во тешки времиња што дале позитивни резултати. Во разговорот со Јованче Ѓошевски, сопственик на маркетите „Жито“, дознавме кои услови се потребни за достигнување на успехот, а што сè треба да се направи за да се задржи високата позиција на достигнатото. Преку одговорите Ѓошевски го пренесува своето искуство, од кое може да се научи како да се соочиме со проблемите и како да ги надминеме препреките.
Можете ли накратко да се потсетите и да ни ги опишете моментите кога одлучивте да почнете со овој бизнис. Кои беа главните проблеми со кои се соочивте тогаш?
Тоа беше поинакво време за разлика од денес. Време на силни државни претпријатија, на стабилни работни места со работно време од 7 до 15 часот. Малкумина тогаш беа подготвени да го напуштат тој комфор и да почнат сопствен приватен бизнис. Знаев дека ќе биде тешко и макотрпно, дека ќе се останува подолго на работа, дека ќе се работи во викенд, дека ќе треба на сите секогаш да им биде погодено… Тоа беа ризиците што ги имав планирано и за кои бев подготвен да ја платам цената. Покрај нив се појавија и проблеми кои не зависеа од нас и на кои бевме немоќни да влијаеме како поединци. Беше успех ако во тие години во тоа наше маалско дуќанче каде што работевме со мојата сопруга успеевме да ги обезбедиме основните намирници за нормален живот. Се чекаа редови за млеко, за масло за јадење, за прашок за перење… Се сеќавам дека со денови чекавме пред магацински стоваришта за да може да ги обезбедиме овие намирници за нашите купувачи. Таквите тешки почетоци нè направија и поцврсти и поистрајни и нè натераа со гордост секогаш да се навраќаме на нашето минато.
На почетокот „борба“ беше за основни производи, денес е „борба“ за добар продажен персонал.
Колку се сменети условите за работа во трговскиот сектор? Направете споредба со работењето сега и во почетоците.
Постои огромна разлика, неспоредливо е тоа што тогаш се случуваше со тоа што е денес. Сега има производители и дистрибутери кои ви доставуваат производи во секој маркет според услови кои однапред сте ги договориле. Секое време некако си носи свои предизвици. Сега не е повеќе престиж да ги имате во маркет производите на познатите брендови, туку споредбата се прави во поглед на маркетиншкиот пристап и вложувањето во човечкиот фактор во работната сила. Сè повеќе се стеснува полето каде што може да најдете добар продажен персонал на кој ќе може долгорочно да сметате да вложувате во него и да го обучувате. Тоа е главниот проблем пред кој ќе бидеме исправени идниот период, како малопродажен сектор. На почетокот „борба“ беше за основни производи, денес е „борба“ за добар продажен персонал.
Во продолжение на линкот прочитајте го целосното интервју : IN Store